fbpx

Блог

Последни вести

Паричен надоместок за прекин на работен однос, согласно работниот стаж 

Министерството за труд и социјална политика информира дека граѓаните со прекин на работен однос, имаат право на паричен надоместок во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци. Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.

Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж. На пример, паричен надоместок се исплатува 1 месец, ако лицето има стаж на осигурување најмалку 9 месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Ако лицето има стаж од 10 до 12,5 години, надоместокот се исплатува 6 месеци, а доколку има стаж над 25 години – 12 месеци.

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци. Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.

Граѓаните што останале без работа поднесуваат барање во Центарот за вработување во местото на живеење, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.

КОЈ НЕ МОЖЕ ДА ОСТВАРИ ПРАВО НА ПАРИЧЕН НАДОМЕСТОК

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал поради:

  • давање писмена изјава за престанок на работниот однос (освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак);
  • спогодбен престанок на работен однос;
  • остварува права од работен однос спротивно на закон;
  • престанок на работен однос по сила на закон (освен во случај на престанок на правното лице поради стечај);
  • отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина;
  • одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
  • одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавец;
  • одбивање обука, преквалификација или доквалификација;
  • губење на работната способност, согласно прописите за пензиското и инвалидското осигурување и
  • исполнување услови за остварување право на пензија.

Извор: МТСП

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *